Зверев се прошета до четвртфиналето на РГ, таму го чека „новиот Рафа“

Александер Зверев без поголеми проблеми обезбеди пласман во четвртфиналето на Ролан Гарос, откако во осминафиналето го совлада Холанѓанецот Јеспер де Јонг со 3-0 во сетови (7-6, 6-4, 6-1).

Германецот најголем отпор имаше во првиот сет, кој траеше повеќе од еден час. Де Јонг поведе со 3-0 по раниот брејк, но не успеа да ја задржи предноста. Зверев возврати, а потоа во тај-брејкот сигурно ја заврши работата. Во продолжението најдоброрангираниот преостанат тенисер на турнирот целосно ја презеде контролата. Со брејк во десеттиот гем го освои вториот сет, а во третиот експресно стигна до двоен брејк и убедлива победа по нешто помалку од два и пол часа игра.

Во четвртфиналето Зверев ќе игра против сензационалниот Рафаел Ходар. Деветнаесетгодишниот Шпанец направи голем пресврт против својот сонародник Пабло Карењо Буста и победи со 4-6, 4-6, 6-1, 6-2, 6-2. За Ходар ова е прво четвртфинале на Грен слем турнир во кариерата, додека Зверев ќе се обиде да ја искористи отворената ждрепка во Париз и конечно да стигне до својата прва Грен слем титула.

Интересно е што овогодинешниот Ролан Гарос донесе бројни изненадувања и елиминации на фаворитите, па од тенисерите од Топ 10 на АТП-листата во завршницата останаа само Александер Зверев и Феликс Оже-Алијасим.