Зверев: Се надевам дека Австралија ќе му дозволи влез на Ѓоковиќ

Зверев

Александер Зверев го надигра Данил Медведев и по вторпат во својата кариера се израдува на титулата на АТП завршниот турнир.

Германецот во полуфиналето го совлада Новак Ѓоковиќ, а потоа имаше решение и за вториот светски рекет. По мечот, зборуваше за следниот голем турнир, Австралија опен, и ситуацијата со ковид-протоколите во државата.

„Тешко е да се каже затоа што тоа е политичко прашање, ако државата ни дозволи да влеземе, мора да ги почитуваме правилата. Се надевам дека Новак ќе добие дозвола да игра. На крајот на краиштата, јас сум трет во светот, ако тој не игра, полесно ми е да го освојам турнирот, но тој е број еден во светот и треба да биде таму. Се надевам дека австралиската влада ќе направи изземање или што и да е потребно за Ѓоковиќ да биде таму и да може да игра“, изјави германскот ас.

Надлежните органи во државата Викторија најавија дека нема да се прават исклучоци во јануари. Сите потенцијални учесници добија јасна порака дека мора да имаат примено две дози вакцини против коронавирусот, ако сакаат да се појават на терените.