Зверев против Медведев ја потврди победата над Ѓоковиќ и го освои Мастерсот во Торино

Александар Зверев ја потврди големата победа над Новак Ѓоковиќ во полуфиналето, па со сигурна игра во мечот за трофеј славеше над големиот ривал Данил Медведев (6-4, 6-4) и го освои завршниот Мастерс во Торино.

Иако предвидувањата беа дека финалето ќе донесе супер-неизвесен дуел, олимпискиот шампион одигра маестрално и без проблеми славеше над освојувачот на УС Опен. Клучниот момент во првиот сет се случи во третиот гем, во кој Германецот ја искористи втората брејк топка и поведе со 2-1. Во продолжение не ја испушти предноста и со сигурна игра на свој сервис се избори за водство од 1-0 во сетови. 

Ништо не се промени ниту во продолжението од финалниот меч, затоа што брејкот во првиот гем беше доволен за Зверев да ја осигура победата. Колку беше доминантен на својот сервис говори и фактот што не дозволи ниту една брејк топка на ривалот.

На тој начин Зверев му се реваншира на Медведев за поразот во групната фаза и по вторпат во кариерата го подигна трофејот од овој Мастерс, по триумфот во 2018 година во Лондон.