• Мартин Танасковски
Германскиот тенисер Александар Зверев обезбеди место во полуфиналето на Ролан Гарос, откако во три сета го совлада младиот шпански тенисер Рафаел Ходар, или „малиот Рафаел Надал“ како што веќе го нарекуваат во земјата. Третиот носител на турнирот славеше со 7-6, 6-1 и 6-3 по два часа и 28 минути игра на централниот терен „Филип Шатрие“, продолжувајќи го својот поход кон првата грен слем титула во кариерата.
Иако резултатот на крајот изгледа убедливо, почетокот на натпреварот не беше лесен за Германецот. Деветнаесетгодишниот Ходар одлично го отвори мечот и поведе со 5-2 во првиот сет, користејќи ги колебливите моменти во играта на фаворитот. Сепак, Зверев успеа да остане смирен, да го врати загубениот брејк и да избори тај-брејк. Токму таму неговото искуство дојде до израз, па со четири последователни освоени поени го доби првиот сет и направи важен чекор кон победата.
По освоениот воведен сет, германскиот тенисер целосно ја презеде контролата врз случувањата на теренот. Во вториот сет доминираше од почеток до крај, направи два брејка и без поголеми проблеми стигна до водство од 2-0 во сетови. Зверев продолжи во ист ритам и во третиот сет, кога уште во првиот гем му го одзеде сервисот на противникот. Ходар се обиде да се врати во мечот и во осмиот гем имаше можност за брејк, но не ја искористи шансата. Германецот веднаш го казни тоа, направи нов брејк и го затвори натпреварот со сигурна победа.
Со пласманот меѓу четирите најдобри, Зверев дополнително ја зацврсти улогата на еден од главните фаворити за титулата во Париз, особено по елиминацијата на неколкумина од најголемите претенденти за трофејот. Во полуфиналето Германецот ќе игра против победникот од дуелот меѓу Жоао Фонсека и Јакуб Меншик. Интересно е што Зверев има позитивен меѓусебен биланс против двајцата тенисери, со по една победа во досегашните пресметки.




