• Саше Љолес
Германскиот тенисер, Александар Зверев, се наоѓа пред можеби најголемата можност во својата кариера да го освои првиот Грен-Слем трофеј. По елиминацијата на Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер од турнирот, светскиот рекет број три важи за главен фаворит за титулата на Ролан Гарос.
29-годишниот Зверев сè уште нема освоено Грен-Слем титула, иако со години е дел од самиот светски тениски врв. Во својата кариера има седум мастерс трофеи, две титули од завршниот АТП турнир и олимписко злато од Олимписките игри во Токио, но најголемиот трофеј сè уште му недостига.
На земјените терени во Париз, Германецот веќе има значајни резултати - три четвртфиналиња, три полуфиналиња и едно финале. Најблиску до титулата беше во 2024 година, кога во финалето имаше предност од 2-1 во сетови против Карлос Алкараз, но не успеа да ја круниса шансата со трофеј.
Во полуфиналето годинава ќе се соочи со Јакуб Меншик, тенисер кој моментално е 27-ми на АТП листата. Сепак, и покрај статусот на фаворит, остануваат сомнежите околу неговата способност да ги добива најголемите мечеви. Во минатото неколкупати беше на чекор до Грен-Слем титула, но не успеваше да ја заврши работата кога притисокот беше најголем. Токму затоа, претстојните денови во Париз би можеле да бидат пресудни за неговото место во тениската историја.
Зверев веќе обезбеди место меѓу четирите најдобри на турнирот, а со оглед на развојот на настаните во машкиот жреб, ретко кога имал подобра можност конечно да стигне до својот прв трофеј од најпрестижните турнири.



