Зверев го надигра Мареј, Циципас го исфрли Фоњини од Индијан Велс

Александар Зверев се пласираше во осминафиналето на Индијан Велс, откако го исфрли искусниот Енди Мареј без загубен сет (2-0). 

Иако Зверев не тргна најдобро и го загуби првиот гем на свој сервис, ама веднаш се врати со два брејка и со 6-4 поведе. Тенисерите не беа сигурни ниту во вториот сет, изгубија по два гема на свои сервиси, за на крајот Зверев да ја искористи првата меч-топка и да победи по тај-брејкот. 

Стефанос Циципас исто така се пласираше во следната фаза, откако со 2-1 го победи Фабио Фоњини. Искусниот Италијанец тргна одлично, поведе со 6-2 и имаше контрола, ама потоа на сцена стапи Гркот. Со 6-3 и 6-4 Циципас ја оправда фаворитската улога, освои два сета и се радуваше на осминафинале. 

Претходно, фаворитската улога ја потврди и Данил Медведев против Крајиновиќ (2-0), па главните претенденти за трофејот го продолжија патот на турнирот во Соединетите Американски Држави.