Зверев ги насмеа новинарите: Ќе ве малтретирам уште најмалку десет години!

Германецот Александар Зверев даде интересна изјава за медиумите на прес-конрференција во Торино, каде се игра завршниот АТП Мастерс. 

Новинарите ги интересираше дали Зверев веќе се чувствува како искусен и возрасен играч, на што добија шеговит одговор од вториот светски тенисер. 

„Јас не се чувствувам како искусен или возрасен. Чув дека некој го употреби и зборот „стар“, тоа е навистина смешно. Имам само 27 години, планирам да играм уште најмалку десет години.

Нема така лесно да се ослободите од мене, ќе ви правам проблеми на прес-конференциите и ќе ве малтретирам и во иднина“, низ смеа изјави Зверев. 

Зверев го комплетираше настапот во групата Б на турнирот во Торино и со победата над Каспер Руд е на чекор од пласман во плеј-офот за шампионскиот трофеј.