Зверев до Ѓоковиќ: Пушти ме да освојам барем еден Грен-Слем!

Германецот Александар Зверев даде шеговит коментар и го „замоли“ Новак Ѓоковиќ да му дозволи да ја освои титулата од Австралија Опен. 

Србинот малку подрани на својата прес-конференција и „упадна“ во времето на Зверев, по што вториот светски тенисер уште еднаш изрази голема почит за својот ривал.

„Знам дека сакаш да го освоиш својот 25. Грен-Слем во кариерата, сите ќе бидеме среќни поради тебе. Сите сме во потрага по непознатото, јас се обидувам да ги сфатам овие работи.

Учиме со секој изминат ден за нас и за универзумот. Се надевам дека ќе ми дозволиш и јас да освојам еден Грен-Слем, тоа би бил одличен подарок од вселената“, рече Зверев. 

Најдобрите светски тенисери се подготвуваат за настап на првиот годишен Грен-Слем, а главната фаза ќе трае од 12 до 26 јануари.