Жалбата ќе му остави доволно време на Ѓоковиќ да игра во Мелбурн!?

Новак Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ ги разгледува сите опции, откако доби лоши вести во врска со неговата виза за престој во Австралија.

Српскиот ас го доби судскиот спор, но по вторпат остана без шанса да се натпреварува во Мелбурн. Сега неговиот адвокатски тим одново ќе се жали, а според поранешниот заменик секретар на австралискиот оддел за имиграција, Абула Ризви, тоа може да му остави доволно време за да ги одигра сите мечеви во Мелбурн.

„Доколку министерот му ја одземе визата на Новак, а тој поднесе жалба, опцијата му е отворена на министерот да го ослободи од притвор со „помошна“ виза додека трае жалбата. Тоа може да потрае доволно време и ќе му овозможи на Новак да се натпреварува на Австралија Опен.

Одлуката не е само бинарна и не значи дека Новак може само да остане или да биде депортиран. Може да му дадат условна виза, која е рестриктивна и дава индикации каде може да се движи и што да прави. Или може да остане во административен притвор, каде што ќе му биде дозволено да оди на стадион да игра или да тренира. Постојат опции кои не се само едноставно депортирање или откажување“, рече Ризви.

Сагата околу Ѓоковиќ и неговиот настап на Австралија опен се очекува да продолжи до самиот почеток на турнирот...