Завршна АТП листа: Ѓоковиќ и натаму владее, ја започна 348-та недела на врвот

Новак Ѓоковиќ по рекорден седми пат завршува сезона на АТП листата на лидерската позиција. Српскиот тенисер од денес ја започна 348-та недела од своето владеење во светскиот тенис.

Со вчерашното финале на финалниот Мастерс, спуштена е завесата на АТП сезоната и објавена е последниот ранкинг за оваа година. На првото место е Новак Ѓоковиќ со 11.540 бода. Ноле имаше одлична сезона, но во финишот како да заморот да го стигна и не успеа да триумфира ниту на собирот во Торино, каде беше елиминиран во полуфиналето од Зверев.

Второто место го зазема Русинот Данил Медведев со 8.640, а трет е Германецот Александар Зверев, кој по триумфот на завршниот Мастерс има 7.840 бода. Меѓу најдобрите пет завршуваат уште Стефанос Циципас и Андреј Рубљев.

По нив следуваат Рафаел Надал, Матео Беретини, Каспер Руд и Хуберт Хуркач. Благодарение на тоа што играше како „замена“ во Торино и забележа победа, Јаник Синер се проби на десеттото место.