Затоа сите се плашат од него: Ѓоковиќ доминира во дуелите со играчи од Топ 20 на АТП листата

Новак Ѓоковиќ АТП

Анализите на тениските експерти не престануваат. Во обид да се пополни празниот период без мечеви, љубителите на „белиот“ спорт копаат во минатото со цел да им овозможат на фановите да отворат дебати за кои ќе се зборува за време на пандемијата.

Секогаш се шпекулира околу името на најдобриот тенисер на сите времиња. Три играчи отскокнуваат речиси во секоја дебата, а тоа се Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер.

Првиот од нив е доминантен во последните неколку години, поточно откако направи операција на лактот. Доказ за тоа е новиот статистички податок на кој наидоа аналитичарите. Се работи за дуелите против играчи од Топ 20 на АТП листата.

Србинот има убедливо најмногу победи и во севкупните бројки, од 2016 година до денес, како и на Грен-слемите. Поради тоа моментално тој важи за фаворит да сруши уште многу рекорди и да ги надмине своите ривали во вечната дебата. Првиот светски ас има 82 победи и 24 порази, а зад него следува Надал со скор 60-26 и Федерер кој има учинок од 55 победи и 24 порази.

Од тенисерите со позитивен биланс се издвојуваат Енди Мареј (42-14), Доминик Тием (42-39), Хуан Мартин Дел Потро (33-30), Ник Кирјиос (30-28), Стефанос Циципас (29-28) и Џек Сок (16-15).