Вујкото на Надал ги мотивирал децата во неговата академија со видео од последниот сет на АО

Надал Ѓоковиќ финале

Поразот од Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија опен, кој важи за еден од најтешките во кариерата на Рафаел Надал, беше уште една потврда дека шпанскиот тенисер е на врвот кога се работи за фер-плејот и спортскиот дух.

Шпанецот во ниту еден момент не покажа лоша гестикулација, протест кон судијата или публиката, или пак, испрати лош поглед кон својот ривал. Едноставно прифати дека противникот игра на повисоко ниво и дека мора да биде голем и во најтешките моменти од тениската кариера.

Последниот сет, со кој Ѓоковиќ стави точка на перфектното издание во Мелбурн, го искористи вујкото на Надал, Тони, кој ја води тениската академија во Мајорка. Видеото од однесувањето на Рафа им го покажа на своите ученици и им рече:

„Погледнете, ниту една гестикулација на незадоволство, протест или лош поглед кон ривалот... И покрај тоа што беше прегазен од противникот, тој покажа дека пред се е СПОРТИСТ!“.

32-годишниот тенисер од Шпанија имаше проблеми со повреди во пресрет на првиот Грен слем турнир оваа сезона, па пласманот во финалето го оцени како голем успех.