• Горан Упале

Новак Ѓоковиќ ќе мора да плати близу осум илјади евра поради кршењето на рекетот во финалето на Вимблдон, кое го загуби од Шпанецот Карлос Алкараз. Челниците на третиот овосезонски Грен слем потврдија дека 36-годишниот Србин е казнет со точно 6.117 фунти поради „кршење на рекетот“.
Вториот тенисер во светот го истури бесот врз својот рекет, откако го загуби клучниот гем во одлучувачкиот петти сет, а тоа го направи пред очите на судијата Марфи Фергусон.
Судијата веднаш го опомена Ѓоковиќ за недолично однесување. Тоа беше второ предупредување за Ноле во текот на мечот, бидејќи првото го доби поради пречекорување на дозволеното време на сервис.