Виландер: Тием е најголем уметник во тенисот

Матс Виландер имаше само пофални зборови за Доминик Тием. Шведската легенда, сега во улога на новинар, истакна дека австрискиот тенисер прикажува најдобра игра во кариерата. 

„Тием се држи до планот на игра, порано знаеше да отстапи од планот. Тој ужива на теренот и знае да погоди неверојатни удари. Ако зборуваме за уметнички впечаток, тој е подобар од Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер", изјави Виландер. 

Австриецот со години важи за голема надеж на тенисот, но никако да го потврди тоа со игра и трофеи. Виландер се обиде да го објасни својот став.

„Тием има сила, префинетост и умее да погоди неверојатни удари", заврши коментаторот.

Доминик Тием моментално е петти на АТП ранг листата, а на завршниот Мастерс во Лондон се најде во групата со Ѓоковиќ, Федерер и Беретини. Останува да видиме дали Австриецот ќе ги поткрепи изјавите на Виландер со добар настап на турнирот.