• Саше Љолес

Славниот Матс Виландер повторно зборуваше со англиските медиуми, а овој пат се осврна на Србинот Новак Ѓоковиќ, за кого рече дека следната година веројатно ќе биде последна во неговата богата кариера.
Ѓоковиќ ќе ја започне сезоната со настап во Бризбејн, а потоа со сите сили ќе замине за Мелбурн, каде ќе се обиде да го освои трофејот на Австралија Опен по рекорден единаесетти пат.
„Мислам дека Новак уште има мотив за надигрување и докажување. Нема потреба да го прави тоа, но неговиот пристап е неверојатно професионален и очекувам да има успешен настап во Мелбурн.
Не знам што размислува, но претпоставувам дека следната година ќе биде последна во неговата кариера. Тоа сигурно ќе се случи ако освои барем еден трофеј од Грен-Слем турнирите. Јас сум секогаш негов голем фан и ќе навивам за него во Мелбурн“, изјави Виландер.
Српскиот ас има 24 титули од Грен-Слем турнирите, а целта му е да стигне до магичната бројка од 25 трофеи и да замине во пензија како убедливо најдобар тенисер во историјата.