Векиќ: За малку немаше ни да дојдам во Париз, медалот е за цела Хрватска

Дона Векиќ одигра одличен турнир на Олимписките игри во Париз и го освои сребрениот медал, откако во финалето загуби од кинеската тенисерка Кинвен Женг. По мечот изјави дека е пресреќна што воопшто имала можност да биде дел од овој собир. 

28-годишната Хрватка се прикажа во прекрасно светло и успеа да ѝ го донесе на својата земја четвртиот медал од Игрите, но за медиумите изјави дека била многу близу до откажување на својот настап во Париз. 

„Бев многу болна пред почетокот на Олимписките игри. Имав силна настинка и докторите ме советуваа да не патувам во Париз. Тренерите беа убедени дека тешко можеме да оствариме добар резултат во сингл-конкуренција, но успеавме и покрај сите проблеми.

Потоа ни доцнеше и летот, пристигнавме уморни, но смогнавме сили и успеав да дојдам до финалето. За мене ова е неверојатно искуство и пресреќна сум што ја израдував мојата земја“, рече Векиќ. 

Векиќ во моментов е 21. тенисерка на ВТА листата, но сезонава покажува знаци на сериозен прогрес и наскоро се очекува да дојде до најдобрите десет во светот.