• Иван Димовски
Хрватската тенисерка Дона Векиќ ќе игра во полуфиналето на Олимписките игри, откако доцна синоќа ја совлада Марта Костјук во три сета со 2-1.
Мечот на „Филиш Шатрие“ траеше безмалку три часа, проби и во новиот ден по полноќ, а во него хрватската претставничка слави нова голема победа и ќе разигрува за медали во Париз.
Векиќ отвори одлично, направи два брејка и поведе со 4-0, а иако ривалката врати еден, со 6-4 Хрватката го доби првиот сет. И во вториот влезе со одземен сервис, но тогаш Костјук се разбуди и со три брејка и убедливи 6-2 се избори за решавачки сет.
Во него се влезе со егал игра, немаше брејк шест гема, а првиот дојде во седмиот и тоа за Векиќ. До крајот на сетот уште трипати тенисерките губеа свој сервис, па се влезе во тај-брејк. Доигрувањето за победа тргна фуриозно за Костјук која поведе со 4-0, меѓутоа Векиќ успеа да се врати. Украинската тенисерка имаше една меч-топка која не ја искористи, а противничката од Хрватска од трет обид дојде со 10-8 и победата.
Во полуфиналето Векиќ оди на мегдан со Ана Каролина Шмидлова, додека во другото полуфинале ќе се судрат Ига Швјонтек и Кинвен Женг.