Уште една тренинг-победа на Сабаленка, преку Свитолина до ново финале на АО

Белорусинката Арина Сабаленка се пласира во финалето на Австралија Опен откако ја победи Украинката Елина Свитолина во два сета. Ова беше уште една лесна, речиси рутинска победа за најдоминантната тенисерка на денешницата. Таа победи со 6-2 и 6-3 во сетови.

За својот трет трофеј во Мелбурн и вкупно петти Грен слем, Сабаленка ќе игра во своето четврто последователно финале на Австралија опен против подобрата од второто полуфинале, Американката Џесика Пегула или Казахстанката Елена Рибакина.

Мечот против Свитолина беше петти за Сабеленка на тековниот Австралија Опен без да загуби сет и десетти последователен во кој не ѝ дозволи на противничката да освои сет.

Патем, последниот пораз на „недопирливата“ Белорусинка беше на завршниот турнир во Ријад, токму од нејзината потенцијална соперничка во финалето во Мелбурн, Рибакина.