Трофеите нема да му бидат одземени, ВАДА остана нема со допингот на Синер

Светската антидопинг агенција (ВАДА) одлучи да не поднесе жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана (ЦАС) на пресудата против Јаник Синер во случајот со допинг скандалот, па Италијанецот повеќе не мора да се грижи за одземањето на титулите и освоените бодови откако двапати во март падна на допинг тестот.

Иако имаше неколку кои се надеваа на поинаков исход, односно брза реакција од чадор-организацијата во овој домен, се покажа дека случајот со употребата на забранетата супстанција клостебол нема епилог каков што веројатно би го имал доколку се работеше за некои други тенисери.

На пример, поранешната Грен слем шампионка Симона Халеп упорно тврдеше дека не е виновна што некоја друга супстанца и влегла во крвта, објаснувајќи го како спој на несреќни околности, но морала да „одлежи“ долга суспензија, додека Синер се извлече само со мала парична казна и со одземање само 400 АТП поени. Аферата беше откриена дури половина година по спорниот настан.

Бидејќи ниту италијанската антидопинг агенција (НАДА) не поднесе жалба, според „Кориере дела сера“, новопечениот шампион на УС Опен ќе го задржи тој трофеј, како и пехарите од Мастерсите во Мајами и Синсинати.