Трета титула за Гаске во Монпелје, Баутиста ја освои Софија

Ришар Гаске ја освои третата титула на АТП турнирот од 250 серијата во Монпелје. Во финалето тој го совлада својот сонародник Пол-Анри Матје со 2-0 (7-5, 6-3). По денешната победа Гаске сега води со 5-2 во меѓусебните дуели. Последната победа над Гаске, Матје ја забележа во 2009 година во Ротердам. 29-годишниот Гаске за денешната победа заработи 250 АТП поени и околу 82.000 евра.

На АТП турнирот кој се одржа во Софија (Бугарија) исто така од 250 серијата победник е Шпанецот Роберто Баутиста-Агут.Тој во финалето беше подобар од Србинот Виктор Троицки, победувајќи го со 2-0 (6-4, 6-3). За шпанскиот тенисер денешната титула е втора оваа година по титулата на почетокот на сезоната освоена во Оукленд. За Агут денешната титула е четврта во неговата кариера, а српскиот тенисер остана на три титули.