Тренерот на Тиeм осум часа бил затворен во ресторан при терористичкиот напад во Виена

Утрово, во центарот на вниманието на светската јавност е терористичкиот напад кој синоќа се случи во Виена, Австрија.

Вистинскиот хаос синоќа владееше во центарот на Виена, а австриската полиција соопшти дека во нападот загинале три лица. На немилиот настан сведок беше и поранешниот тенисер Николас Масу, кој некако успеал да се сокрие од напаѓачите.

Пред да се случи терористичкиот напад, Масу бил на вечера во еден од рестораните во центарот на Виена, но за среќа, вработените во истиот веднаш реагирале и го заклучиле ресторанот, а гостите се сокриле. 

За време на целиот хаос, поранешниот тенисер се огласи на Твитер и рече дека е многу близу до нападот, и дека е заклучен во ресторан.

„Здраво. Јас сум многу близу до нападот во центарот на Виена, заклучени сме во ресторан и чекаме дозвола за да излеземе. Ви благодарам за пораките“, напиша Масу.

За среќа, никој не бил повреден, а во раните утрински часови полицијата им даде дозвола на гостите да го напуштат ресторанот и да одат на сигурно.

Во моментов Масу е тренер на еден од најдобрите тенисери Доминик Тиeм, кого во Виена го подготвува за настапите на Мастерсот во Лондон.