Тони Надал: Рафа и натаму е меѓу фаворитите на Вимблдон

Чичкото на Рафаел Надал и познат тениски тренер, Тони, зборуваше за третиот Грен Слем турнир Вимблдон. Според него, неговиот внук и натаму е фаворит за освојување на трофејот. Рафа беше повреден, мина тешка терапија и полека, но сигурно влегува во ритам. 

„Рафа е добро, лекувањето функционира. Среќен сум и верувам дека му оди добро. Сметам дека ќе биде еден од фаворитите, дури иако главен фаворит е Ѓоковиќ. Сепак, мора да внимаваат на Беретини и Хуркач. Ако Рафа има среќа да ја мине првата седмица, ќе биде поконкурентен во втората“, изјави чичкото на тенисерот.

Вимблдон стартува на 27 јуни. Оваа година нема да се доделуваат АТП поени, меѓутоа за Ѓоковиќ и Надал е многу важен трофеј за „брканицата“ за рекорд по број на титули.