Тони Надал: Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека е голем шампион

Долгогодишниот поранешен тренер на Рафаел Надал и негов чичко Тони Надал го коментира изданието на Новак Ѓоковиќ на Вимблдон и го нарече Србинот „голем шампион“, откако тој по седми пат дојде до титулата на тревата во Лондон.

Многумина очекуваа финале на Ѓоковиќ и Надал, но Шпанецот се откажа поради повреда и немаше спектакл. Ноле во мечот за титула во првото меѓусебно соочување беше подобар од Ник Кирјос.

„Новак Ѓоковиќ уште еднаш докажа дека е голем шампион. Имаше неверојатна психичка подготовка за вистинскиот момент. Знаеше дека нема да загуби, единствен начин да се случеше тоа беше ако Кирјос го покажеше најдобриот тенис во кариерата и ако успееше да му одолее на својот темперамент. Со оваа победа на Вимблдон, Ѓоковиќ продолжува да ја бие битката со Рафа за најдобар тенисер на сите времиња“, изјави Тони.

Српскиот ас зад своето име има 21 Грен Слем трофеј и се наоѓа на една престижна титула од актуелниот лидер на „вечната листа“ - Рафаел Надал, кој има 22 Грен Слем трофеја.