Тони Надал: Ѓоковиќ никогаш нема да биде сакан како Рафа и Роџер!

Тони Надал, поранешниот тренер на Рафаел Надал, а сега на Феликс Оже Алијасим, имаше интересна опсервација зошто постои аверзија на одреден број навивачи кон Новак Ѓоковиќ, иако тој е еден од најдобрите во историјата на тенисот.

Србинот ја освои својата 22. Грен слем титулата во Австралија и се изедначи со Рафаел Надал по бројот на највредните трофеи.

„Проблемот е што Новак се појави во време кога веќе беше воспоставено ривалството меѓу Федерер и Надал. И луѓето ги сакаа нивните дуели. Тој беше новото дете на улица, некако ја расипуваше забавата. Исто така, неговото однесување на теренот може да биде проблематично. Ова се причините зошто тој никогаш нема да биде сакан како Роџер или Рафа“, изјави Надал.

Тони се осврна и на реченицата на Ѓоковиќ „дека кога другите играчи се повредени, тие се жртви, а кога станува збор за мене, тогаш тоа е лага“.

„Не е потребна посебна интелигенција за да се заклучи дека тоа се однесува на Рафаел, бидејќи тој беше единствениот повреден играч меѓу кандидатите за титулата“.

Ѓоковиќ, и покрај проблемите со повредите, на доминантен начин триумфираше на Австралија Опен. Во финалето со 3-0 во сетови го совлада Стефанос Циципас.