Тием се надмина и во два сета го надигра Федерер во Лондон

Австрискиот тенисер Доминик Тием го отвори завршиот турнир во Лондон со победа над Роџер Федерер (7-5, 7-5) и по голема борба си ги подотвори вратите кон наредната фаза на последниот турнир опваа сезона.

Младиот Австриец пред натпреварот изјави дека може да слави над Федерер, па за час и 40 минути во тоа и успеа, за одличен старт на завршниот турнир. Швајцарецот сега е во проблеми, кога се работи во борбата за пласман за наредната фаза затоа што на стартиот меч победи и Ѓоковиќ.

Првиот сет подобро го отвори Тием, кој го фати Федерер „на спиење“ и уште во првиот гем направи брејк. Швајцарецот возврати во третиот гем, кога изедначи на 2-2, а клучниот брејк за предност, Австриецот го направи за 6-5, а потоа преку првата сет-топка дојде до предност.

Вториот сет беше пресликување на првиот, само без двата брјека. Се играше мирно се до 5-5, со тоа што Тием не искористи една брејк топка во четвртиот гем, а главниот брејк, младиот тенисер го направи за 6-5, а потоа на свој сервис, иако Федерер даваше голем отпор, дојде до победа.

Федерер во наредното коло ќе игра со Ѓоковиќ, додека Тием се среќава со Беретини.