Тием покажа зрелост, по три часа и маратонски меч го елиминира Ѓоковиќ од Лондон

Тием Доминик

Првото полуфинале на завршниот турнир во Лондон донесе голема борба и надигрување, а на крај победата ја однесе Доминик Тием во судирот со Новак Ѓоковиќ (7-5, 6-7/10, 7-6/5). Првиот светски ас покажа дека е гладен за успех и на крајот на сезоната, но денес пропушти прилика да разигрува за шестата титула во кариерата на овој турнир.

Во сите три сета се играше израмнето, а тоа е показател на одличната форма во која што играат и двајцата тенисери. На стартот за нијанса подобар беше Австриецот. Тој искористи брејк во завршницата на првиот сет за да поведе со 7-5.

Неговата одлична игра продолжи, но Србинот херојски спаси четири меч топки и успеа да израмни и да остане „жив“ во полуфиналето. Се играше тај-брејк, кој првиот носител на турнирот го доби по еден мал маратон со 12-10.

Одлучувачките моменти донесоа игра без грешка на двете страни. Се играше гем за гем и одново брејк шансите беа ретка појава. Поради тоа тај-брејкот пресуди и даде одговор на прашањето кој ќе патува во големото финале.

Ѓоковиќ веднаш направи два мини-брејка, а потоа со два лесни сервиси побегна на 4-0. Се чинеше дека тоа значително ќе му ја олесни работата, но ривалот не се откажа. Тием врза шест поени во низа и застана на чекор од победата. Неговата серија му овозможи да се израдува на голем триумф против фаворитот за трофејот со конечни 7-5.

Противник ќе му биде подобриот од вечерашниот дуел меѓу Рафаел Надал и Данил Медведев.