Тием: Ќе направам сè за Федерер да остане прв...

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал опасно се закануваат на првата позиција на листата тенисери со најмногу Грен слем титули, каде моментално стои Роџер Федерер.

Швајцарскиот ас има 20 трофеи зад своето име, но цела 2020 година немаше можност да ја подобри оваа бројка. Поради повреда искусниот шампион беше приморан да прави пауза и се очекува да се појави на стартот од наредната сезона.

Сите негови фанови се надеваат на напредок на младите играчи, особено Доминик Тием, со цел да се спречат налетите на Надал и Ѓоковиќ. Во врска со оваа тема зборуваше и австрискиот тенисер кој се пошегува на едно новинарско прашање.

„Роџер ми ја честиташе титулата на УС Опен. Ветувам дека ќе дадам сè од себе да го задржам Федерер на местото број еден. Ниту еден друг играч не може да се спореди со Роџер. Тој е уникатен, игра многу поубав и поелегантен тенис од мене“, изјави Тием.

Австриецот е меѓу најголемите кандидати на последниот Грен слем турнир, Ролан Гарос.