Тенисот без Вимблдон и Федерер не беше ист, глупоста на Ноле во Њујорк ја одбележа 2020!

Се чини дека тенисерите и тенисерките го претрпеа најголемиот удар од пандемијата во светскиот спорт. Можеби не оние од самиот врв на АТП и ВТА, но оние што котираат пониско на листите сигурно ја почувствуваа кризата и неиграњето на турнирите поради коронавирусот.

Како и останатите спортови кои подолго време беа ставени во мирување, така и тенисот, претрпе сериозни промени оваа година. По нормален тек и во планираниот термин единствено се одигра само првиот Грен слем во Мелбурн. Австралија Опен ни донесе супер неизвесни натпревари што требаа на еден начин да бидат најава за возбудлива сезона, а финалето меѓу Новак Ѓоковиќ и Доминик Тием беше вистински шлаг на фантастичниот турнир. Австрискиот тенисер по првите три сета имаше предност од 2-1, но Ноле покажа зошто е најдобар на светот и со два сета во низа извојува голема победа и го подигна престижниот трофеј. Претходно, Србинот во полуфиналето го совлада големиот ривал Роџер Федерер со 3-0 во сетови, додека Тием во четвртфиналето го елиминира Надал.

По завршувањето на Австралија Опен се одиграа уште неколку турнири, а потоа следуваше прекин на сите спортски настани, меѓу кои и тениските. Поради ковид-ситуацијата следниот Грен слем кој требаше да биде на програмата, Ролан Гарос беше презакажан за крајот на септември, додека единствениот голем собир на тревна подлога Вимблдон целосно беше откажан.

Исто така, одложување претрпе и УС Опен, но токму со Грен Слемот во Њујорк тенисот се врати на големата сцена, а таму Новак Ѓоковиќ ја направи можеби најголемата глупост во својата богата кариера. Во отсуство на најголемите ривали, Србинот беше огромен фаворит за трофејот, но во осминафиналето против Карено Буста заработи дисквалификација, откако со топчето ја удри линиската судијка Лаура Крафт во пределот на вратот.

Така, во борбата за престижниот трофеј останаа помладите тенисери, од кои на крај најдобро се снајде Доминик Тием и со пресврт победата над Александар Зверев за првпат во својата кариера се радуваше на еден Грен слем трофеј. 

Две седмици по собирот во Њујорк, тенисерите се преселија во Париз и се судрија во последниот голем турнир, Ролан Гарос. А, таму повторно доминираше Рафаел Надал. Шпанскиот ас заздрави од повредата и ги „бришеше“ своите ривали на земјената подлога во „Филип Шатрие“, а во финалето буквално го посрамоти Новак Ѓоковиќ и му нанесе пораз од 3-0 во сетови. Со оваа победа „Бикот од Мајорка“ го израмни рекордот на Роџер Федерер и сега двајцата имаат по 20 Грен слем трофеи, три повеќе од нивниот најголем ривал Новак Ѓоковиќ.

До крајот на година најдобрите тенисер се собраа уште еднаш, на Завршниот Мастерс во Лондон, кој беше последен во „О2 Арената“ во Лондон, а таму Медведев одигра неверојатен турнир и го освои престижниот пехар. Во финалето славеше над Доминик Тием, додека во полуфиналето го елиминира Надал. 

Кога ќе се земе предвид целовклупната слика може да донесе заклучок дека на тениски план 2020 години беше доста возбудлива, пред сè заради победите на Тием и Медведев над моќните Надал и Ѓоковиќ, но дефинитивно тенисот не беше ист без легендарниот Роџер Федерер, кој поради повреда на коленото не одигра ниту еден меч од февруари, како и без неофицијалното Светско првенство во Вимблдон. 

На ВТА турот пак, оваа година за првпат по долг период Серена Вилијамс не освои ниту еден Грен слем трофеј. Искусната Американка имаше проблеми со повредите и речиси на ниту еден турнир не одигра со 100% од можностите. Затоа и кај дамите имаше неколку изненадување и дури три различни освојувачки на Грен слемовите. Така, во Мелбурн славеше Американската Кенин, на УС Опен најдобра беше Осака, додека во Париз сензационален трофеј освои Свјонтек од Полска.