Тенискиот свет во шок по мечот Надал – Ѓоковиќ: „Зар и ние го играме истиот спорт?“

Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ одиграле без број епски дуели на големите турнири, но дефинитивно нивниот вчерашен меч на Ролан Гарос ќе остана запаметен како еден од најдобрите кои некогаш се одиграле во овој спорт. 

Србинот конечно го најде рецептот за победа над речиси непобедливиот Надал во Париз, а тенискиот свет остана со шок по четиричасовната битка на големите великани. Диего Шварцман, Енди Родик, Дел Потро и Матс Виландер се само некои од легендите што останаа одушевени од атомскиот тенис кој го приредија двајца генијалци. 

„Дали и ние другите тенисери играме ист спорт како овие двајца“, се прашуваше Шварцман, додека Родик пишуваше дека натпреварот е еден од најдобрите што тој некогаш го гледал.

Енди Мареј напиша: „Не може да играте подобро на земјата од ова. Чисто совршенство“, а Дел Потро додаде:„Совршен меч. Неверојатно е како играа. Сонувам да се сретнат повторно“.

Матс Виландер. шведската тениска легенда и аналитичар на „Евроспорт“ буквално беше во шок.

„Никогаш не сум видел подобар натпревар на земја. Имав чувство дека ги предвидуваат ударите еден на друг и играат неверојатно брзо“.

По мечот, Надал изјави дека жали што го загуби најважниот меч оваа сезона, додека Ѓоковиќ беше пресреќен и откри дека го одигра најдобриот дуел во Париз.