Тенискиот Балотели: Медведев откри зошто не се радува на титулите

Медведев Балотели

Марио Балотели даде една изјава која сè уште се памети, кога беше запрашан зошто не ги прославува головите. Италијанскиот напаѓач рече дека само си ја врши работата, како секој друг работник на светот.

Данил Медведев во негов стил ја „прослави“ титулата во Лондон. Рускиот ас успеа да ги надигра најдобрите тенисери на денешницата и да победи на завршниот турнир, а по финалето не покажа никаква емоција.

„Во тенисот сигурно сум прв, но јас сум видел многу фудбалери кои не се радуваат на голови. Ја донесов оваа одлука на УС Опен минатата година, кога имав потешкотии со публиката. Нема да ги прославувам победите, тоа е моја одлука и ми се допаѓа“, изјави 24-годишниот Русин.

На патот до престижниот трофеј четвртиот тенисер на АТП листата го декласира Новак Ѓоковиќ, го елиминира Рафаел Надал, а во финалната пресметка беше подобар од Доминик Тием.