Бајка во Квинс: Од квалификации, до трофеј и рекорд – на 38 години!

Германската тенисерка Татјана Марија постигна неверојатен успех на турнирот во Лондон, откако сосема неочекувано го освои престижниот турнир во Квинс клубот.

Иако во Лондон пристигна како квалификантка со намера да избори пласман во главната ждрепка, 38-годишната Марија направи вистинска сензација. За нешто повеќе од една недела, тенисерката која моментално се наоѓа на 86. место на ВТА листата, си заминува од британската престолнина со титула, четири победи против тенисерки од Топ 15 и само еден загубен сет во целиот турнир.

Во финалето, Марија ја совлада Американката Аманда Анисимова која е петнаесетта на ВТА листата со 6-3, 6-4, па така ја освои својата четврта титула во кариерата.

Со овој триумф, таа стана и највозрасната шампионка на ВТА турнејата по легендарната Серена Вилијамс, која во 2020 година победи во Окленд.