„Тенисерките треба да играат пет сет на Австралија Опен“

Помалку во сенка на феноменалната завршница на Австралија опен кај тенисерите, остана изјавата на директорот на турнирот, Крег Тајли, „дека и тенисерките треба да играат пет сета“. 

Сега оваа иницијатива во прв план ја врати Патрик Муратоглу, кој се прослави работејќи со најдобрата тенисерка во Опен ерата, Серена Вилијамс.

„Тенисерките треба да играат пет сета, бидејќи тогаш целосно би можеле да покажат што знаат. Тоа конечно би ја завршило вечната дискусија за изедначеноста на наградните фондови во машка и женска конкуренција“, истакнува францускиот стручњак, кој донедамна работеше и со Наоми Осака, но без поголем успех.

За разлика од Муратоглу, кој само го изнесе своето мислење, Тајли предложи конкретна иницијатива.

„Можеби веќе од следната сезона ќе побараме од тенисерките овде да играат на три добиени сета од четвртфиналето. Во правилата не пишува ништо против таквата ситуација“, кажа Тајли.

Зошто Тајли предлага пет сета за тенисерките од четвртфиналето не е тешко да се претпостави. Доколку тоа е случај од првото коло, турнирот ќе мора да трае подолго, бидејќи нема да има доволно време во сегашниот формат.