• Горан Упале
Најдобрата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, релативно лесно се пласира во третото коло на Отвореното првенство на САД – УС Опен.
„Тајбрејкаленка“, како што ја нарекува веб-страницата на ВТА, уште еднаш го оправда тој прекар, откако во победата против Полина Кудерметова, таа го освои својот деветнаесетти од дваесет тајбрејкови оваа година.
Белорусинката беше поуспешна во тај-брејкот од првиот сет со 7-4, а во вториот, со два брзи брејка, го реши прашањето за победникот (6-2). Следен нејзин противник ќе биде Лејла Фернандез, која ја победи Елса Жакмон по пресврт – 2-6, 6-3, 6-2.
Маркета Вондрушова славеше над Мекартни Кеслер со 7-6/7, 6-2 и ќе игра против Јасмин Паолини. Исто така, Ен Ли беше подобра од Белинда Бенчиќ со 6-3, 6-3, а нејзин следен предизвик е Ема Наваро.
Мира Андреева исто така се пласираше во третото коло, победувајќи ја сонародничката Анастасија Потапова со 6-1, 6-3. Сега ја чека Тејлор Таунсенд, која славеше над Јелена Остапенко со 7-5, 6-1.
ФОТО/PHOTO: WTA (X)




