Свитолина: Секогаш ѝ помагам на Украина, моето „бојно поле“ е на тениските терени

Украинската тенисерка Елена Свитолина изјави дека посакува што поскоро да заврши војната помеѓу Русија и Украина, а имаше и интересен одговор на прашањето дали би заминала да војува за својата земја. 

Свитолина неколку пати досега објавуваше дека донира големи средства за украинската армија, а сега изјави дека „нејзината војна се одвива на друго место“. 

„Јас сум секогаш за мир и благосостојба на моите сограѓани. Украина пропати многу од руската агресија. Ги слушам повиците за прекин на огнот и се радувам што конечно гласно се зборува за тоа. 

Не би одела да војувам, иако знам дека не се плашам. Моето бојно поле е на тениските терени, подобро е тука да заработувам и да донирам за мојата земја. Некој можеби нема да се согласи, но јас цврсто верувам дека моето мислење е издржано“, изјави Украинката. 

Свитолина во моментов е на 23. место на ВТА листата. Нејзин најдобар ранг беше третото место, а во кариерата досега освои вкупно 17 трофеи. Во изминатите три години таа донираше нешто над 1,5 милиони евра за украинската армија.