Суспензијата за Русија ќе влијае и на тенисерите во АТП купот

Според одлуката на ВАДА, на руските спортисти ќе им биде забрането да се претставуваат под националните обележја на својата земја во наредните четири години. Најголем удар се секако глобалните настапи како Олимписките игри во Токио и Светското првенство во фудбал, кое се игра во 2022 година во Катар. 

Сепак, на индивидуалните спортисти ќе им биде оставена можноста да се докажат дека не биле дел од скандалите кои ја потресоа Русија, но и целиот свет. Први кои на своја кожа ќе ја почувствуваат казната ќе бидат руските тенисери Данил Медведев, Каран Хачанов и Андреј Рубљев. 

Тие треба да настапат за својата земја на претстојниот АТП Куп, кој се игра од 3 до 12 јануари 2020 година. Тенисерите нема да имаат можност да ја слушаат химната и покрај нивното име ќе стои неутрално знаме. 

Ова за нив е голем удар, бидејќи е општо познато дека руските тенисери секогаш го даваат максимумот за својата земја. По ова натпреварување, следи првиот Грен слем со отворениот турнир во Австралија. 

Медведев и колегите ќе настапат без обележјето на руското знаме покрај името, но ни приближно нема да го почувствуваат недостатокот како на АТП купот, каде што играат како селекција на Русија.