• Зоран Мишевски
Македонската тенисерка Магдалена Стоилковска е поразена во квалификациите на ИТФ фјучрсот во италијанскиот град Селва Гардена што се игра за награден фонд од 40.000 долари. Таа во стартното коло од квалификациската рунда загуби од Сара Микаца од Босна и Херцеговина со 2-0 во сетови (6-3, 6-4).
Во првиот сет ривалката на Стоилковска успеа да направи два брејка во првиот и во деветтиот гем и сетот го заврши со 6-3 во гемови.
Во вториот сет имаше неколку промени на водството. Најпрво Микаца поведе со 2-0 во гемови, по што следуваше и „ри-брејк“ на Стоилковска за 2-1, а потоа македонската тенисерка стигна до водство од 4-3. Сепак трите следни гема им припаднаа на тенисерката од Босна и Херцеговина и сетот го доби со 6-4 во гемови што значеше и 2-0 во сетови.
На турнирот ќе настапи и најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, која во првата рунда ќе игра со некоја од тенисерките што успешно ќе ги минат квалификациите. Првиот меч Ѓорческа најверојатно ќе го игра во вторник.