Директорот на турнирот во Монте Карло преговара кам-бек на Ѓоковиќ и Федерер

Федерер

Оваа година ќе се одржи 113-то издание на Мастерс турнирот во Монте Карло. Титулата од минатата сезона ќе ја брани Рафаел Надал, кој зад своето име има рекодни 12 трофеи.

Директорот на турнирот Жељко Франуловиќ потврди дека на терените во април ќе се појават Александар Зверев, Марин Чилиќ, Доминик Тием, Кеи Нишикори, Стефанос Циципас, Карен Качанов и бранителот на титулата Надал.

Тој откри дека моментално работи на убедување на Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер кои не беа дел од минатогодишното издание.

„Подготвени сме да ги пречекаме најдобрите тенисери во светот. На врвот на листата секако е Рафаел Надал, кој најави дека ќе биде дел од турнирот во обид да ја одбрани титулата. Моментално преговараме со Ѓоковиќ и Федерер кои сакаме повторно да ги видиме на нашиот турнир. Ќе имаме „вајлд карта“ за нив двајца до самиот крај“ , рече Франуловиќ.

Турнирот е закажан за периодот од 13 до 21 април, а конечната листа на учесници ќе биде откриена за јавноста на 21 март.