Спектаклот во Париз закажан: Ѓоковиќ го мина Беретини и ќе игра полуфинале со Надал

Новак Ѓоковиќ го прифати предизвикот на Рафаел Надал и закажа нов спектакл меѓу големите шампиони, овој пат за пласман во финалето на Ролан Гарос. 

Првиот рекет на светот, по сигурната победа на Надал над Шварцман, во последното четвртфинале од програмата во Париз со сигурни 3-1 во сетови (6-3, 6-3, 6-7/5, 7-5) го совлада Матео Беретини и го затвори кругот на полуфиналисти на Отвореното првенство на Франција. 

Откако на претходниот дуел Ноле имаше тешка задача во пет сета против Мусети, неговите фанови беа загрижени дека и вечерва ќе има многу проблеми со искусниот Италијанец, но српскиот ас не дозволи изненадување и за нешто повеќе од три часа си обезбеди ново полуфинале на Ролан Гарос. 

Уште од самиот старт на мечот, Ѓоковиќ беше решен што побрзо да го заврши овој дуел и по брзиот брејк во четвртиот гем си обезбеди предност, која подоцна му донесе водство од 1-0. Ако првиот сет се играше скоро еден час, во вториот, Бератини падна за само 37 минути. По неизвесните четири гема (2-2), големиот шампион влезе во серија и со 4-0 стигна до комотни 2-0 во сетови. 

Но, кога се очекуваше дека мечот е веќе решен и Ѓоковиќ без многу проблеми ќе ја добие полуфиналната виза, Бератини покажа зошто е деветти тенисер на АТП листата и по голема борба беше поуспешен во тај-брејкот со 7-5 и намали на 2-1. Следеше изедначен четврти сет и необичен прекин да се испразни гледалиштето заради полицискиот час во Франција. По враќањето, Новак покажа свежина и конзистентност и со брејк во дванаесеттиот гем го реши прашањето на победникот. 

Од вчерашната програма сигурни победи извојуваа Зверев и Циципас кои ќе играат меѓусебе во полуфиналето.