• Саше Љолес
Младиот шпански тенисер Рафаел Ходар направи спектакуларен пресврт против Денис Шаповалов и обезбеди место во третото коло на Мастерсот во Синсинати.
Ходар беше на чекор од пораз во решавачкиот сет. Губеше со 1-5, а Канаѓанецот имаше дури две меч-топки. Сепак, 19-годишниот Шпанец покажа карактер и успеа целосно да го сврти текот на натпреварот, а во продолжението одигра неверојатно и освои шест гема во низа, за голем триумф со 7-5, 4-6, 7-5.
Дополнителна драма се случуваше во финишот. При негатива во третиот сет, Ходар побара медицински тајм-аут поради проблем со левата нога. Во тој момент изгледаше дека неговото учество во мечот е под знак прашалник.
Наместо тоа, по враќањето на теренот, Шпанецот заигра уште подобро и му дозволи на Шаповалов да освои само еден гем до крајот.
Сепак, Канаѓанецот не беше задоволен од однесувањето на противникот. Ходар во текот на мечот уште двапати бараше прекин поради проблеми со патиките, а при еден од прекините цела минута го средуваше проблемот со обувката, со помош и од својот татко.
Тоа сериозно го налути Шаповалов, кој сметаше дека прекините му го нарушиле ритамот токму кога имал контрола врз мечот. Канаѓанецот не го криеше незадоволството и му го кажа тоа на Ходар и за време на мечот и по неговиот крај. Шпанецот му објасни што се случило и на крајот му се извини. За пласман во следната рунда, Ходар ќе игра против Алехандро Табило од Чиле.

