• Иван Димовски
Холгер Руне веројатно инспириран од последните случувања и започнувањето на соработката на Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј како негов тренер доби идеја.
Данскиот тенисер посакува во својот тренерски тим да го добие големиот шампион и еден од најдобрите на сите времиња, Роџер Федерер. Швајцарецот ја заврши кариерата, а иако веројатно не размислува премногу за да стане тренер можеби ќе се предомисли ако добие добра понуда.
„Во моментов не ми е потребен уште еден тренер. Сепак, јас сум голем фан на Роџер Федерер, така што - зошто да не. Не знам дали тоа во моментов го интересира воопшто...“, изјави Руне.
Данецот има проблем со тренерите во последните години, неколку пати го отпушташе и вработуваше Патрик Муратоглу, пред стартот на сезоната се реши за Ларс Кристенсен, а работеше и со Борис Бекер, Северин Лути, Кенет Карлсен.
Инаку, се зборува дека и Карлос Алкараз ќе се реши за ваков потег, бидејќи би можел во иднина да соработува со Рафаел Надал кој тукушто се пензионираше.