Со пласманот на Вимблдон нашата тениска хероина оствари и најголема заработка во кариерата!

Македонскиот тенис слави голем момент, а Лина Ѓорческа испиша нова страница во спортската историја. Најдобрата македонска тенисерка за првпат во својата кариера обезбеди пласман во главниот турнир на еден Грен слем, и тоа на најпрестижниот – Вимблдон.

Тетовчанката со трите победи во квалификациите стана првиот македонски тенисер или тенисерка што ќе настапи во главната рунда на Вимблдон, а покрај историскиот успех, оствари и најголема заработка во својата кариера.

Самото учество во главниот турнир на најпознатиот светски тениски турнир на Ѓорческа ѝ носи загарантирани 80.000 британски фунти, односно околу 100.000 американски долари. Доколку успее да ја мине првата рунда, нејзината заработка ќе се зголеми на 126.000 фунти, што претставува дополнителен финансиски поттик за македонската тенисерка.

Овогодинешниот Вимблдон располага со рекорден награден фонд од 64,2 милиони фунти (84,5 милиони американски долари), што е за 20 проценти повеќе во однос на минатата година. Победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 3,6 милиони фунти, што исто така е зголемување од 20 проценти во споредба со претходното издание.

За Ѓорческа, сепак, најважно е што со својот пласман веќе испиша историја и ќе има можност да се натпреварува со најдобрите светски тенисерки на најпрестижната тениска сцена. Ривалката во првото коло ќе ја дознае утре во 11:00 часот за кога е закажана ждрепката во Лондон.