• Горан Упале

Јаник Синер не успеа да се пласира во полуфиналето на Вимблдон. Подобар од светскиот рекет број еден беше Данил Медведев. Синер загуби, но имаше многу здравствени проблеми. На почетокот на третиот сет мораше да побара медицински тајм-аут и да оди во соблекувална поради вртоглавица.
„Уште од утрото не се чувствував добро, имав проблеми, па ме стигна замор. Се обидов да се борам со проблемите. Не повраќав, но имав вртоглавица. Најтешко ми беше кога морав да го напуштам теренот. Разочаран сум поради третиот сет.
Во петтиот сет се чувствував подобро, енергијата повторно ми се зголеми, но одиграв еден лош гем и тоа беше решавачко. Не размислував да се предадам, но Данил играше многу паметно“, изјави Синер.
Во полуфиналето Медведев ќе се судри со Карлос Алкараз, кој со 3-1 во сетови го елиминира Пол.