• Мартин Танасковски
Светскиот рекет број еден, Јаник Синер, гледа на турнирот во Хале (Германија) како идеална можност да се опорави и психички стабилизира по болниот пораз од Карлос Алкарас во финалето на Ролан Гарос.
Во епско финале кое траеше дури пет часа и 29 минути – најдолго во историјата на францускиот гренд слем – Синер водеше со 2-0 во сетови и имаше три меч-топки во четвртиот сет, но Алкарас успеа да направи пресврт.
„Мислам дека е позитивно што ќе играм уште еден турнир, бидејќи секој нов меч е нов почеток. Морам да бидам психички подготвен да дадам сè од себе на теренот. Затоа сум среќен што сум тука во Хале. Да, имав неколку ноќи без сон, но секој ден се чувствувам сè подобро“, изјави Синер.
Италијанецот, кој има само 23 години, е актуелен шампион на турнирот во Хале и ќе се обиде да ја одбрани титулата. Турнирот започнува во понеделник и претставува клучна подготовка за претстојниот Вимблдон, кој ќе се одржи од 30 јуни до 13 јули.
ФОТО: Janick Sinner / Twitter