• Иван Димовски
Јаник Синер го освои својот четврти Грен слем трофеј, откако го победи Карлоз Алкараз во финалето на Вимблдон во четири сета со 3-1 (4-6, 6-4, 6-4, 6-4). Мечот на „Централниот терен“ во Лондон му припадна на првиот светски рекет, иако го загуби првиот сет. Ова е еден вид на одмазда за поразот во финалето на Ролан Гарос, откако Синер имаше предност од 2-0, но потоа дозволи пресврт.
На стартот на мечот тенисерите си разменија по два гема, а првиот брејк беше дело на Синер. Сепак, тоа како да го мотивира Шпанецот уште повеќе, се стегна и потоа одзеде два гема на противнички сервис користејќи ја втората сет-топка за 6-4. Следуваше инстантно будење на Италијанецот. Синер уште на стартот на вториот сет тргна фуриозно и стигна до 40-0 на сервис на противникот, но од трет обид го направи единствениот брејк во вториот сет. Имаше Алкараз една шанса за ри-брејк, ама не ја искористи и го загуби сетот со 6-4.
Веќе во третиот сет првиот светски рекет влезе во подобар ритам. Беше близу на стартот да му одземе сервис на ривалот, но не успеа во два обиди. Следуваше егал надигрување до 4-4, а потоа Синер направи брејк кој веднаш во следниот гем го потврди и со 6-4 стекна предност.
Подобро делуваше Италијанецот на теренот во Лондон. Шпанскиот тенисер се држеше, ама немаше добар ритам и доста грешеше. Четвртиот сет тргна со по еден сигурен гем за двајцата, а потоа Јаник Синер одново направи брејк и поведе со 2-1. Успеа Алкараз да се консолидира и се одржуваше во мечот, а во осмиот гем имаше две брејк-шанси за израмнување. Иако италијанскиот ас имаше катастрофален прв сервис, храбро сервираше „од втора“ и успеа да го сврти и освои гемот (5-3). Остана Шпанецот во мечот добивајќи го следниот гем, меѓутоа Синер го поправи сервисот и убедливо го доби решавачкиот гем (6-4).
ФОТО/PHOTO: Wimbledon/Twitter

