Синер по освоениот УС Опен: Овој трофеј е за мојата болна тетка!

Италијанскиот тенисер Јаник Синер го освои УС Опен, откако во финалето рутински го совлада Тејлор Фриц (3-0). Раната елиминација на дел од фаворитите му го отвори патот на Италијанецот до вториот Грен слем трофеј. 

По финалето тој ѝ се обрати на јавноста, откри дека трофејот го посветува на неговата болна тетка и го анализира настапот во Њујорк.

„Честитки до Фриц, знам колку напор вложи во овој подвиг. Сигурен сум дека уште многу пати ќе играш вакви мечеви. 

Оваа титула ми значи многу, бидејќи минав навистина тежок период. Титулата сакам да ѝ ја посветем на мојата болна тетка, среќен сум дека можам да поделам вакви позитивни моменти со неа. Ако постои најголема желба, тоа е здравје за сите... 

На УС Опен одевме ден по ден. Свесен сум колку е важен менталниот моментум, многу сум среќен и горд. Неверојатно е да се освојат два големи трофеи во една година. Добрите партии и трофејот во Мелбурн ми дадоа самодоверба за да продолжам. Работата никогаш не запира, напредувам од ден во ден, тоа се виде и денес“, изјави Синер.

Јаник Синер го освои вториот голем трофеј годинава, а со тоа дополнително се одлепи на врвот на АТП рангирањето.