„Синер ќе го симне Ѓоковиќ од врвот и ќе го испрати во пензија“

Поранешниот италијански Дејвис Куп репрезентативец, Адријано Паната, смета дека неговиот сонародник Јаник Синер е на одличен пат да се искачи до светскиот трон и верува дека може да го симне од врвот Србинот Новак Ѓоковиќ. 

Изјавата на Паната доаѓа откако Италија ја совлада Србија во финалето од овогодинешниот Дејвис Куп, но дел од медиумите ја пренесоа информацијата со доза на резерва, велејќи дека поранешниот тенисер е голем отпимист во своите најави. 

„Мислам дека Синер е новата ѕвезда на светскиот тенис. Јаник е одлично момче и тоа го има покажано во многу наврати. Неговиот напредок е очигледен и јас силно верувам дека наскоро ќе го преземе тронот. Доста е од Ѓоковиќ, токму Синер може да го испрати во пензија. 

Предвидувам дека Србинот ќе биде во топ-форма уште една година, а потоа ќе започне неговиот „слободен пад“. Никој не е вечен и кога-тогаш мора да се пензионира. Многу би сакал токму Синер да го „испрати“ Ѓоковиќ во историјата“, изјави Паната. 

Јаник Синер го совлада Ѓоковиќ во финалето од Дејвис Купот и на тој начин ја обезбеди титулата за Италија, но Србинот сепак ќе ја заврши годината како првопласиран на АТП листата. И покрај неговите 36 години, Ѓоковиќ е во одлична форма и тешко дека следната сезона ривалите ќе успеат лесно да го симнат од врвот, а дали тоа ќе му успее токму на Синер, останува да видиме.