Синер го „збриша“ Фриц и ја замолкна публиката за трофејот на УС Опен!

Италијанскиот тенисер Јаник Синер откако го освои првиот, го крена трофејот и на последниот Грен слем турнир за 2024 година. Првиот светски рекет во финалето на УС Опен беше подобар од домашниот тенисер Тејлор Фриц со убедливи 3-0 (6-3, 6-4, 7-5) за два часа и 17 минути игра на „Артур Еш“ во Њујорк.. 

Се обиде Американецот да парира, ветер во грб требаше да му биде и публиката која очекувано беше целосно на негова страна. Сепак, во само три сета Италијанецот го реши мечот во своја корист. 

Првиот сет тргна со брејк на италијанскиот ас, а иако Фриц имаше одговор (2-2), потоа Синер одзеде уште два гема на противнички сервис за 6-3 и стартно водство. Вториот сет беше целосно израмнет од самиот почеток, практично до самиот крај и последниот поен. Откако ниту еден тенисер не успеа да дојде до брејк, на Синер тоа му појде од рака во десеттиот гем и со единствената брејк шанса дојде до 6-4 и ја удвои предноста. 

Се играше атрактивен тенис и во третиот сет, Фриц се обиде да направи кам-бек, ама не успеа во тоа. Имаше неколку неискористени брејк шанси, а потоа Американецот поведе со 3-4. На тоа одговорот дојде во десеттиот гем (5-5). Италијанскиот фаворит успеа да го реши мечот во своја корист на сервис на противникот. Се играше дванаесеттиот гем, Фриц сервираше под притисок и тоа Синер знаеше да го казни, па со 7-5 си го обезбеди вториот Грен слем трофеј.

Синер вторпат во кариерата стана освојувач на голем турнир, а со оваа победа си ја зголеми и предноста на АТП рангирањето.