• Горан Упале

Првиот светски рекет Јаник Синер без поголеми потешкотии се пласира меѓу најдобрите шеснаесет на Австралија опен, совладувајќи го Американецот Маркос Жирон со резултат 6-3, 6-4, 6-2.
Бранителот на титулата уште во воведната фаза од натпреварот му даде до знаење на Жирон дека неговиот настап во Мелбурн ќе заврши тука и за нешто помалку од два часа забележа уште една рутинска победа во првиот овогодишен Грен слем. Во следното коло Синер ќе игра против победникот од мечот меѓу српскиот тенисер Миомир Кецмановиќ и Холгер Руне од Данска.
Пласман во осминафиналето обезбеди и американскиот тенисер Бен Шелтон, откако во четири сета со 6-3, 3-6, 6-4, 7-6 го совлада Италијанецот Лоренцо Музети. Шелтон, кој е дваесетти тенисер во светот, победи по 172 минути игра и по вторпат во кариерата се пласира во осминафиналето на Австралија Опен.
Американецот во битката за четвртфинале ќе се соочи со легендарниот Гаел Монфис, кој претходно денес го совлада Тејлор Фриц со 3-6, 7-5, 7-6, 6-4.