Синер: Австралија ми покажа љубов, овој турнир и трофеј многу ми значат

Првиот светски рекет Јаник Синер е старо-нов освојувач на Грен Слем турнирот Австралијан Опен, откако во финалето во три сета во меч кој траеше повеќе од два и пол часа го совлада вториот тенисер Александар Зверев (6-3, 7-6, 6-3) и така дојде до втората титула во Мелбурн, по онаа од лани.

По натпреварот на централниот терен, Италијанецот не ги криеше емоциите, а им честита на сите што беа дел од овој турнир, од судии и собирачи на топки, се до неговиот тим.

„Што можам да кажам за мојот тим? Работевме напорно за да бидеме на оваа позиција. Фантастично е чувството да се сподели ваков момент со сите вас. Дел од тимот е дома, моето семејство. Ова е фантастичен успех за мене. Ова е веројатно твојот последен Австралија опен како тренер, Кејхил. Се надевам дека ќе можам да те убедам да не се пензионираш на крајот на годината. Сè започна кога ги променив работите со физио тимот.

Благодарност до Крег Тајли што го направи сето ова да се случи. Се надевам дека ќе продолжи вака, ова е посебен Грен слем турнир за мене. Толку се грижиш за нас. Благодарност и до спонзорите, без нив би било невозможно да се одржи ваков турнир. Им благодарам и на собирачите на топки, на судиите, на сите сум им благодарен.

Најважни сте вие, навивачите. Ме бодревте цела недела, ми покажавте љубов, едвај чекам да се вратам овде“, изјави Синер.

За Синер ова беше трета Грен Слем титула во кариерата, откако претходно освои по еден трофеј во Австралија и на УС Опен.