Синер: Алкараз ме тера да одам до лимитот, а јас сакам предизвици

Јаник Синер се пласираше во финалето на УС Опен и ќе има шанса да ја одбрани титулата, откако во полуфиналето го совлада Феликс Оже-Алијасим со 3-1 во сетови. По победата тој го анализира одиграното, а го најави и финалето.

„Против Оже-Алијасим имав мал проблем со стомачниот мускул, но не беше ништо сериозно и по интервенцијата беше подобро. Најважно ми е тоа што се пласирав во петто последователно финале на грен-слем, конзистентноста да играм за големи титули е феноменална и навистина е неверојатно кога целта што ја имате ја претворате во реалност.

Сакам предизвици, а Карлос е некој што ме тера да одам до лимитите и тоа е одлично затоа што така добивате најдобра повратна информација за тоа колку вредите. Сакам себеси да се ставам во такви ситуации, за тенисот е прекрасно да има вакво ривалство, иако понекогаш е полесно да не играте со него. Тој многу го подобри сервисот, има подобар ритам и процентите му се секогаш високи. Сега е постабилен и повеќе нема падови, а на секој турнир оди далеку. И јас се чувствувам слично, подобро сервирам, играта на мрежа ми е понапредната, движењето исто така, физички сум поспремен. Порано се мачев во три или четири сета, сега не“, изјави Синер.

Италијанецот за трофеј ќе се соочи со Карлос Алкараз, што ќе биде трето последователно Грен слем финале меѓу овие двајца тенисери.

Ова е првпат во „отворената“ ера на тенисот двајца исти тенисери да играат во три последователни финалиња на големите турнири.